Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска на Плоштад Македонија ја отвори средношколската манифестација „СРЕДНОЛЕНД 2024“, на која скопските средношколци ги претставуваат своите таленти преку музика, танц, ликовна и драмска уметност, фотографија и филм.
- По успешната реализација минатата година, кога за првпат се одржа оваа средношколска манифестација, продолжуваме со поддршката и мотивацијата на нашите талентирани средношколци да ги промовираат нивните способности во повеќе области од културата. “СРЕДНОЛЕНД“ веќе стана препознатлива манифестација, одраз на средношколската безгрижност, младост и свет на искрените пријателства. Се надеваме дека публиката во наредните денови ќе ужива во богатата и разновидна културно забавна програма креирана од нашите вредни ученици на средните училишта на Град Скопје, велат од Град Скопје.
Настанот кој е инициран од професори и ученици од градските средни училишта, како повеќедневната средношколска манифестација се одржува од 22 до 27 април, на повеќе локации во градот и тоа на Плоштад Македонија, КИЦ, МКЦ и Градски парк – Лепеза.