Скопје периодов „пулсира“ во мирисот на липите - карактеристичната арома за главниот град која буди убави емоции, освен доколку не сте алергични, па ви се создаваат здравствени проблеми.
Според познатиот еколог и професор по биологија Кирил Пржо расцветаните липи во јуни со нивниот мирис се материјално еколошко и културно наследство на Скопје.
- Иако секаде пишува дека липите се автохтон вид за градот, тоа секако не е точно. Низ Скопје растат (најчесто) липи од видот Tilia × europaea што сам по себе е природен (но, може и вештачки) хибрид помеѓу Tilia cordata (small-leaved lime) и Tilia platyphyllos. Овие два вида може да се сретнат низ државата. Постојат митови дека липите се засадиле во Скопје поради сузбивање на реата - едниот морбиден мит вели тоа било поради реата од телата по земјотресот, другиот поради скопските ќенефи. Секако ништо од ова не е точно. Садење на липи како и садење на костени се долга европска традиција во пејсажната архитектура, наведува тој во свиојата објава на фејсбук, овој пат посветена на липите во главниот град.
- Оние најпознати липи на булевар Партизански Одреди се засaдени веднаш по отварањето на делницата, на почетокот на 70тите години. Препознатливиот мирис на липа, доаѓа од цветовите и тој се менува во текот на цветната сезона - oд светло лимонест, до меден на крајот од јуни. Мирисот доаѓа од неколку активни компоненти β-Ocimene, Germacrene D и Linalool, констатира Пржо.
На крајот додава дека садењето на липи и див костен е препорачано во Скопје поради 5 главни причини: неинвазиност, поволна клима, мирис, декоративност и длабока сенка.