Комунална хигиена чисти, скопјани повторно исфрлаат отпад на јавни површини

Екипите на ЈП Комунална хигиена Скопје на барање на Град Скопје поради отстранување на „диви продавачи“ на бул. „Крсте Мисирков“ подигнаа 5 м3 мешан комунален отпад и отпад од пакување. И покрај брзата реакција на екипите, повторно е забележано исфрлање на отпад на истата локација, велат од претпријатието. 

Во текот на денешниот ден повторно е подигнат и транспортиран отпад составен од мешан комунален отпад и отпад од пакување во количина од 15 м3 кој беше одложен покрај контејнерите. 

ЈП „Комунална хигиена Скопје„ апелира отпадот да се исфрла во контејнерите наменети за комунален отпад, а не на јавните или сообраќајните површини со што го оневозможува редовното метење и миење на тротоарите и движењето на пешаците.

Еко патролата на ЈПКХС во соработка со градските инспекциски служби ќе продолжи да врши надзор и едукација на споменатите микролокации, додаваат од Комунална хигиена-Скопје.