Револтирана скопјанка: Не смееме навечер прозор да отвориме, Град Скопје не може дрон да набави да се открие виновникот

Скопјанка, на социјалните мрежи, го крена гласот за загадувањето во градот. Во коментар на фејсбук објава на градоначалничката Данела Арсовска, аргументирано го соопшти својот став за загадувањето и она со што се соочуваат како жители на Ново Лисиче. 

Нејзиниот коментар ви го пренесуваме во целост: 

- Никому не му пречи зеленило, ни пречи тоа што ние што живееме во Ново Лисиче во близина на паркот кај последна петка, секоја ноќ имаме труење од чад со остар мирис на запалена гума и пластика, ни пречи што сме водечка земја по заболени од рак на бели дробови во Европа, барем според ИЈЗ. После овие пеколни температури дење, не смееме навечер прозор да отвориме, што е познато дека на Вардариште се трпаше со камиони ѓубре пред пандемијата... Жално е што со години ги лажете граѓаните дека има инспектори на терен кои не откриле ништо, а Градот не може да набави дронови за да се откријат виновниците, како во секоја европска земја, жално е што во 21ви век немаме ни Министерство за животна средина, ниту институции кои би се справиле со управување со отпадот, туку тоа се решава со палење на секаов вид ѓубре и труење на овие граѓани што останаа да живеат во овој град вукојебина. Не ви е доволно што нема ден без споделена фотографија и сметка од некој што се бори за живот? Отпадот, во секаква смисла, е најголем проблем на градот и загадениот воздух, за чија опасност пишуваше и британски Гардијан. 

Инаку, од Град Скопје на почетокот на годинава најавија целосно чистење и санација на старата градска депонија Вардариште, а до каде е оваа заложба нема информации. Според најавите на Арсовска, на ова место ќе биде изграден голем спортски комплекс со спортско-рекреативни содржини и терени како и нов мега парк..