Поради најавите за врнежи „Водовод“ ги чисти шахтите и сливниците

Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје, изведуваат засилени акции за одржување на атмосферската канализација поради најавените врнежи од дожд и засилен ветер. Покрај редовните активности, во текот на изминатите денови и од утрово, тимовите се на терен за расчистување на сливниците и шахтите, особено на критичните точки во градот.

Распределени по реони, тимовите рачно и машински ги чистат сливниците и шахтите за да овозможат непречена функционалност на канализационата линија.

ЈП Водовод и канализација апелира до граѓаните совесно да се однесуваат кон канализационата мрежа, бидејќи неправилното одлагање на отпад доведува до затнување и можни поплави. Во изминатите денови, од атмосферската линија се отстранети над 15 кубни метри отпад, што претставува значителна причина за намалување на протокот на вода.

Екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје продолжуваат да работат во интерес на граѓаните и остануваат на терен додека не помине периодот на променливо време и силно невреме.