Од 11 до 17 јули во Скопје ќе се одржи меѓународниот фестивал на европски филм - CINEDAYS

Од 11 до 17 јули, Скопје ќе биде домаќин на меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS. Ова ќе биде по 23 пат што ќе се одржи овој фестивал со 40 филмски наслови. Билетите за фестивалот, како што е најавено, ќе чинат 250 денари.

„Под годинешниот слоган „Како е? Викај ура“, летните скопски филмски вечери ќе ги пресретнуваме во паркот зад Младинскиот културен центар, киното „Фросина“ и летното кино на отворено во „Кинотека“. Отворањето ќе го одележи македонскo-данската соработка на данскиот бенд „Ефтеркланг“ и „Македониум бенд“. Оваа соработка ја обележа својата концертна премиера во април 2023 година пред споменикот „Македониум“ во Крушево и својата филмска премиера во Копенхаген на фестивалот „CPH-DOX“, на 23 март 2024 година,„ пишува во соопштението.

Филмот, како што се наведува, ја заокржува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ нашата држава. Во тој процес на регрутација на членови за новиот мета состав наречен „Ефтеркланг: Македониум бенд“, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владица Младеновски – Грга, нивен пријател и посредник во целата авантура. Младинскиот културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект.

Фестивалот е финансиски поддржан од Град Скопје, делегацијата на ЕУ преку програмата „EU film festivals“, Агенцијата за филм во партнерство со Публицис и Кинотеката на Република Северна Македонија.