Тениски талент од Кисела Вода: Андреј Темов е новиот државен шампион до 12 години!

Кисела Вода доби нов државен шампион во тенис.На Државното првенство на Македонија до 12 години, кое се одигра денес, титулата најдобар ја освои Андреј Темов, ученик од ООУ „Круме Кепески“. Градоначалникот Ѓорѓиевски, кој го бодреше, му ја честиташе победата и му посака понатамошни успеси. 

Тој истакна дека Андреј и понатаму може да смета на поддршката од Општина Кисела Вода. Покрај финансиска поддршка, градоначалникот нагласи дека Андреј и сите други талентирани спортисти ќе имаат одлични услови за развивање на своите спортски таленти. 

''Голема е мојата радост што денес нашата општина, Кисела Вода доби државен шампион во тенис до 12 години. Андреј Темов, кој честопати бил гостин во мојот кабинет, покажа како се креираат резултати кога некој е силно посветен на она што го сака. Овој извонреден успех е доказ за неговата посветеност, труд и талент, и ни покажува дека иднината на спортот во нашата општина е светла. Имав чест и привилегија лично да го бодрам Андреј на овој важен настан и од срце му ја честитам победата. Неговата истрајност и желба за успех се инспирација за сите нас. Како градоначалник на Општина Кисела Вода, сакам да му посакам понатамошни успеси и да го охрабрам да продолжи да го следи својот сон.

Општина Кисела Вода ќе продолжи да го поддржува Андреј и сите други талентирани спортисти. Како и досега, ќе обезбедуваме финансиска поддршка, но и одлични услови за развивање на спортските потенцијали. Силно верувам дека со правилна поддршка и инвестиции во изградба на спортската инфраструктура, нашите млади спортисти ќе можат да постигнуваат уште поголеми успеси и да ја претставуваат нашата општина и држава на највисоко ниво. Честитки уште еднаш на Андреј Темов! Нека оваа победа биде само една од големата низа на успеси'', изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.