Со цитат од Махатма Ганди, Стефковски објави дека e добитник на награда за хуманост

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски вчера доби признание – награда за хуманост, доделена од страна на магазинот „Убавина и здравје“.

Цитирајќи го Махатма Ганди тој на својата Фејсбук страна напиша “Не смеете да ја загубите вербата во хуманоста, бидејќи хуманоста е океан, ако се заматат неколку капки, нема и целиот океан да биде валкан“, потенцирајќи дека станува збор за важно признание, кое го посветува на младиот Никола, за чие лекување се обедини цела Гази Баба, но и на сите луѓе на кои општината дала помош и поддршка.

„Оваа награда ја посветувам на младиот Никола кој вечерва беше со мене, а за чие лекување се обединивме сите, но и на Мете, тетка Роска, Бети, Игор, Мики, Марија и десетици други знајни и незнајни луѓе.“, напиша Стефковски на социјалните мрежи.

Тој на крајот потенцираше дека, како и досега, во иднина останува отворен за поддршка на сите оние на кои тоа им е потребно.

„Мојата рака е подадена за помош кон секого, а тоа го знае секој еден граѓанин кој ми се обратил и побарал помош!“, заклучи во својата објава.