Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски на средба со секретарот на Црвениот крст на Град Скопје Сузана Тунева Пауновска, договори отпочнување со реализација на два проекти и тоа Итно копче и превоз за стари лица и лица со попреченост.
- Итно копче и посебен превоз за стари лица и лица со попреченост се два нови проекти на општина Гази Баба и Црвениот крст. Првиот проект е нова и иновативна услуга на Црвениот крст на град Скопје и истата веќе се практикува во повеќе европски земји со одличен резултат. Станува збор за услуга која е достапна 24/7, а лицата ќе може да побараат помош преку притискање на само едно копче. Корисникот на аларм-уредот има само обврска да го притисне копчето на уредот и да почекаат повик од страна на операторот од контакт центарот на Итно копче. По воспоставување на контакт со корисникот, корисникот ги споделува информациите за тегобите со кои се соочува, а обученото лице/оператор му дава понатамошни насоки, а по потреба се испраќа тим за прва помош во нивниот дом. Доколку има потреба се обезбедува транспорт до соодветната установа/институција, појаснува градоначалникот на Гази Баба.
Вториот проект е посебен превоз за стари лица и лица со попреченост. Посебниот превоз е наменет за лица, кои не се во можност, самостојно да обезбедат превоз за користење на здравствена, социјална, или друга административна услуга, заради: старост; болест; неможност или потешкотии, при самостојно движење; имаат потреба од придружник (негувател/личен асистент), врз основа на наод на стручно лице за потребата од користење на услуги во домот, поради здравствената состојба во која се наоѓаат, а се работи за неживотно загрозувачки ситуации.