Празничен фолклорен фестивал во Илинден - Се играше најголемото интернационално оро

Во убавиот амбиент на амфитеатарот ,,Галерија на отворено” при Домот на култура ,,Илинден” во општина Илинден, се одржа 10-тиот меѓународен фолклорен фестивал ,,Св. Троица”. Фестивалот е во организација на КУД ,,Гоце Марковски” од Долно Лисиче со поддршка од Општина Илинден, а многубројната публика имаше можност да ужива во прекрасните настапи на културно уметничките друштва од земјава и странствo. 

Фестивалот започна со прекрасно дефиле каде сите учесници тргнувајќи од пред ПОУ „Гоце Делчев“ придружувани со зурли и тапани се движеа по главната улица во Илинден, кон кружниот тек, каде се играше најголемото интернационално оро во Илинден, се до Домот на култура ,,Илинден”, каде настапија културно уметнучките друштва од Украина, Романија, Молдавија, Бугарија, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, како и неколку ансамбли од Скопје, КУД „Гоце Маркоски“ , АНПИ „Илинден“ , ФА „Седенка“ и ансамбл „Ѓорче Петров“.

На фестивалот меѓу присутните беше и градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, кој на учесниците им додели плакети за придонес во културата и културните вредности, но и убаво сеќавање од фестивалот. Градоначалникот истакна дека Општина Илинден секогаш дава огромна поддршка на културните настани, а од минатата година во агендата на културни случувања е и овој меѓународен фолклорен фестивал.

Фестивалот има за цел преку фолклорот да се направи едно зближување помеѓу народите, запознавање на нови пријателства, дружење, едукација на младите за Македонскиот фолклор, култура и традиција, запознавање со нови култури и традиции, презентација на Македонија и сите убавини, размена на знаења и искуства, отворање на портите кон нови патувања на нашите играорци.