Тетово се опоравува од невремето: Штетите се големи

Состојбата по невремето во тетовскиот регион полека се нормализира, но штетите кои ги претрпеа жителите се големи. Остатоците од кал и песок од поплавените објекти граѓаните сами ги отстрануваа откако водата се испумпуваше, по што остана оштетена покуќнина, алати, но и автомобили. Речиси сите повици до Центарот за управување со кризи биле токму од граѓани кои сакале да пријават штета, но оттаму го препраќале до општините.

Во општина Јегуновце, првичните проценки се дека околу 80 домаќинства, претежно во селото Сиричино, имаат големи штети во нивните домови, додека земјоделските посеви се 100 отсто уништени во повеќе населени места. Помош од надлежните институции побараа и земјоделците кои имаат ниви во тетовско Фалише, затоа што голем дел од посевите се уништени, а велат веќе е доцна за повторна сеидба. Од тетовската Подрачна едница на ресорното Министерство велат чекаат Влада да одлучи како да постапат.

По силното невреме во неделата попладне тетовските пожарникари интервенирале во 43 објекти и на некои критични точки каде имаше големи акумулации на вода. Извлекуваа и семејство во Сирично чија куќа беше поплавена, како и возачи кои останале заглавени во своите автомобили.