Следниот викенд ќе се одржи шеесет и првото издание на Галичката свадба

Следниот викенд ќе се одржи шеесет и првото издание на Галичката Свадба која ќе трае од 12 до 14 јули. Месната заедница Галичник на својот Фејсбук профил објави дека е веќе избрана овогодинешната двојка.

„Со голема радост ви соопштуваме дека по објавениот конкурс за избор на невеста и зет на Галичка свадба 2024 што годинава ќе се одржи од 12 до 14 јули, советот на МЗ Галичник ја избра среќната двојка. Овогодишна невеста е Стефана Димитрова, со потекло од галичките фамилии Чаловски и Веноски, долгогодишна учесничка на галичка свадба, додека зетот е Даријан Кочоски. Двојката ги исполнува сите потребни услови за учество во галичката свадба.

Нека се вечно среќни и бериќетни, да се ќердосает! Годинава на венчавка, в`година на крштевка!

За многу години да им е љубовта и среќата!“ стои во соопштението

Во саботата вечерта почнуваат сите обичаи поврзани со Галичката свадба.

Врвот на бајракот се кити со цвеќе, а потоа се развива. Зетот го става на „перде“ од десната страна на куќата и се „фрла“ пушка.

Топаните потоа тргнуваат кон куќата на зетот, а тој со братот и побратимите ќе тргнат кон мостот каде ќе се сретнат. Со сито на глава и бокал во раце, со блиските роднини, сверквата води оро. Потоа ќе се изведат ората „Невестинско“ и  „Тешкото“ кои се симбол на пркосот и непокорот.

Поворката од свадбари со борини и факели одат од куќата на зетот до куќата на невестата, а потоа заедно со неа одат на три чешми да наполнат вода.

Наредниот ден, денот на свадбата, продолжува со низа обичаи. Денот започнува со канење на мртвите, па кумот. Следуба бричење на зетот, по што се тргнува по невестата. По завршените адети во домот на невестата, следува венчавање во црква.