На Табановце и Богородица за влез и излез од земјава се чека по околу 40 минути, викендов се очекуваат гужвите

На Табановце и Богородица утрово за влез и излез од земјава се чека по околу 40 минути, информираат за МИА од АМСМ. Викендов се очекува зголемен интензитет на сообраќајот поради летните одмори.

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во земјава воведен е летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури. Термините се следни: петок од 17:00 – 22:00 часот, сабота од 09:00 до 18:00 часот и недела од 09:00 до 22:00 часот.

На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали: петок од 15:00 – 22:00 часот, сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и недела од 07:00 до 22:00 часот.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.