Дали медот полека станува луксуз?

Природниот мед полека станува луксуз во Македонија. Граѓаните се соочуваат со значително зголемување на цените кои достигнуваат речиси 20 евра пишува Денар.мк.

Марко, пчелар од Велес вели дека се соочиле со зголемување на пораст на трошоците за одржување на кошниците но и непредвидливите временски услови.

„Не е само прашање на профит, туку и на опстанок. Секоја година се соочуваме со пораст на трошоците за одржување на кошниците, како и со непредвидливите временски услови кои директно влијаат на производството на мед. Инфлацијата и општата скапотија која ја чувствуваме на секој чекор само го зголемуваат притисокот“, ни изјави 57-годишниот Марко, пчелар од Велес.

Тој додаде дека цената на медот не е само одраз на трошоците за производство, туку и на квалитетот на производот кој го нудат.

„Природниот мед кој го продаваме е резултат на строги стандарди и посветеност кон квалитетот. Нашите клиенти знаат дека кога купуваат од нас, добиваат врвен производ кој е вреден за цената”, објаснува тој.

Додека некои се подготвени да платат повисока цена за квалитетен мед, други се принудени да бараат поевтини алтернативи или да ја намалат потрошувачката на мед во своите домаќинства.

Сепак, останува фактот дека пчеларите се соочуваат со реални предизвици кои бараат комплексни решенија, како што се поддршка од државата и подобрување на производствените технологии, за да се обезбеди одржливост на оваа традиционална и важна индустрија.