Се најде решение за ресенчанецот кој не можеше да се лекува од рак зошто од ЈП Национални Шуми не му плаќале придонеси

Корун Кукуловски (54) од Ресен, пет години вработен во Јавното претпријатие Национални шуми, конечно ќе замине на лекување, откако пред дваесеттина дена јавно се огласи во ,,Фокус” и апелираше за помош од државата.

Овој човек има дијагноза рак на простата но не можел ниту да се лекува ниту да се оперира зошто ЈП Национални Шуми, каде што работел не платило придонеси, здравствено и пензиско осигурување за изминатите месеци, па сите врати во здравството му се затвориле.

По илјадниците споделувања на социјалните мрежи, коментари со поддршка и бурни реакции по повод ситуацијата во која не по своја вина се нашол човекот, работник кој чесно си го заработувал парчето леб се најде решение за него. Во разговор зза Фокус тој вели дека добил можност да се лекува.

„Во вторник заминувам на снимање на клиниката во Скопје, и најверојатно во среда ќе бидам опериран. Жално е што требаше да излезам вака јавно, преку медиуми да барам помош, но благодарен сум што конечно се најде решение и што ќе добијам можност да се лекувам.

Директорот во подружницата во Ресен, Томе Веловски, кој беше запознат со мојата состојба и кој чекаше решението да дојде од повисоките институции, од Скопје, сепак успеа да ми помогне. Според закон, дозволено било да имам десет работни часови и во друга фирма, покрај ЈП Национални шуми, па така сега сум вработен на десет часа и во друга, приватна компанија. Тоа беше излезот, само така ќе можам да ја добијам потребната здравствена услуга од која зависи мојот живот“, раскажува ресенчанецот.

Како што појаснуваше пред дваесеттина дена, додека апелираше за решение, и други негови колеги биле во слични ситуации, бидејќи не можеле да се лекуваат, затоа што претпријатието не им ги платило придонесите. Тој дури и бил во Фондот за осигурување, каде се понудил самиот да си ја плати операцијата, која изнесувала околу пет илјади евра, но му било кажано дека не може.

Денес, вели дека сите пораки полни со поддршка кои ги добил од јавноста многу му значат и дека нема зборови со кои може да ја опише благодарноста. Порачува дека солидарноста на народот е од големо морално значење во вакви ситуации, но сепак не смее да се дозволи во иднина во државата да се случуваат вакви пропусти, на сметка на чесните работници.