Кафето е околу 3 евра, топка сладолед 2 евра - Какви се цените во Грција сезонава?

Голем број туристи веќе уживаат на плажите ширум Грција, а оние кои летуваат во популарниот олимписки регион велат дека цените на храната и пијалоците во маркетите, рестораните и кафулињата го следат европскиот тренд на раст во Европа, па оваа сезона тие се малку повисоки од минатата година.

Цените на овошјето и зеленчукот на пазарите во Лептокарија се генерално слични на македонските, па доматите, краставиците и кромидот може да се најдат за само едно евро за килограм, а компирите и тиквичките за помалку од едно евро.

Лубеницата може да се купи по цена од 0,6 евра за килограм, дињите за 1,50 евра, а вишните за 1,90 евра. Лимоните се две евра, кајсиите и јаболката од 1,50 евра па нагоре, додека праските од 2,50 до 2,75 евра.

Цената на грчкото кафе во повеќето кафулиња и ресторани се движи од 1,80 до 2,50 евра, еспресото и капучиното се меѓу 2 и 3 евра, а нес кафето е околу 3 евра. Најниската цена за половина литар пиво е четири евра, за толку може да се испие чаша вино, додека за жестоки пијалоци треба да потрошите најмалку пет евра.

Лежалките и чадорите во сопственост на кафулињата се бесплатни доколку нарачате пијалок, а во некои од нив оваа поволност можете да ја користите цел ден. Некои кафулиња имаат правило дека не мора да плаќате за лежалка и чадор ако нарачате една пијачка наутро, а друга попладне.

Во супермаркетите шише вода од 1,5 литри чини меѓу 0,3 и 0,5 евра, додека пакување од шест такви шишиња чини 1,70 евра. Најевтиниот леб може да се купи за 0,9 евра, литар млеко е од 1,8 до 3,5 евра, додека цената на јајцата е меѓу 0,23 и 0,45 евра за парче. Цената на сирењето е од 6 до 15 евра за килограм, маслинките од 4,50 до 7 евра, а литар маслиново масло од 13 до 17 евра.

Просечната цена на една порција лигњи во рестораните е околу десет евра, иста цена како пилешко и свинско сувлаки, како и свински стек и пилешко филе. Цената на тестенините се движи од пет до десет евра, додека пиците од 4,5 до 11 евра.

Омилената храна на туристите кои летуваат во Грција е гирото, а на почетокот на летово пита со гиро чини меѓу 3,80 и 4 евра, додека порцијата во ресторан е до 10 евра. За оние кои сакаат да јадат нешто „од нозе“ има и хот-дог кој чини од 2,50 до 3,50 евра.

Топка сладолед чини две евра, за две топки треба да платите 3,50 евра, а за три 4,50 евра.