Петровска: Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија

Откако стана јасно дека Венко Филипче е новиот претседател на СДСМ, пратеничката Славјанка Петровска на нејзиниот Фејсбук профил напиша:

„Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“.

Петровска иако најави дека ќе се трка за претседател на СДСМ сепак таа непосредно пред гласањето ја повлече својата кандидатура. На прес конференција ја извести јавноста дека има неправилности и недоследности кои ги ставаат во нерамноправна положба кандидатите за иден претседател и со тоа влијаат на самиот изборен процес.

Претходно, Петровска ги повика останатите тројца кандидати да се откажат од внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.

Деспотовски кој веднаш после Филипче доби најмногу гласови вели дека како е можно 10.000 членови кои се регистрирале да учествуваат во изборниот процес да не можат да го остварат своето право на глас и најави приговори.

„Не можеме да збориме за избран претседател на партија кога 10 илјади членови не гласаа, а имаме избран претседател со 9 илјади гласови. Им благодарам на сите кои гласаа, но им благодарам и на оние кои излегоа а не им беше дозволено да гласаат, а такви има многу. Додека не одговориме на две прашања во оваа партија, не мислам дека треба да зборуваме за завршени избори. Зошто на тие 10 илјади членови не им беше дозволено да гласаат и зошто оние кои излегле, биле вратени. За резултатот немам коментар. Како другар се радувам за Венко ама не и за СДСМ. И вечерва зградата е празна и тоа треба да не загрижува“, кажа Деспотовски

По вчерашните внатрепартиски избори, Венко Филипче е нов лидер на СДСМ. Освои 9 илјади и 52 гласа на вонредните избори за претседател на социјалдемократите. Порача дека сега е време за обнова на СДСМ и многу работа, нема време за славење. По него е Јован Деспотовски со освоени 2.705 гласови. На трето место со 905 гласа е Александар Бајдевски, а за Петровска гласале 190 членови на СДСМ.