Андоновски: Лицата попишани во странство нема да бидат дел од Балансерот за вработување

Балансерот како алатка за вработување заминува во историјата. Неговото укинување ќе оди во фази. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека во првата фаза ќе се вратат на законските основи на Пописот од 2021 година за потоа целосно да се укине алатката балансер.

„Денеска е првата владина седница на којашто ќе бидат разговарани некои основни прашања за функционирањето на Владата. Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот – соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак“, изјави Андоновски

Посочи дека бројките во дигиталната алатката балансер од денеска веќе се променети за да одговараат на резултатите на резидентното население од Пописот во 2021 година.

„Тоа значи дека лицата попишани во држави во странство нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Република Македонија. Времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото и сето тоа со почитување на темелните вредности на Уставот“, потенцира Андоновски.