Со заедничка декларација Македонците и другите малцинства ќе објават непризнавање на пописот во Албанија

Македонското малцинство, заедно со други малцинства кои живеат во Албанија, најавија заедничка декларација со која ќе објават непризнавање на резултатите од пописот во земјата, и ќе побараат нов попис. Ова го најави Васил Стерјовски, претседател на македонската партија во Албанија, МАЕИ.

„Подготвуваме заедничка декларација задно со претставниците на грчкото, влашкото и другите малцинства со која не ги признаваме пописните резултати. Во неа ќе наведеме цврсти докази дека истите се фалсификувани, чиста манипулација. Ќе ја доставиме до сите државни и меѓународни институции“, изјави за МИА, Васил Стерјовски.

Партијата и другите македонски здруженија веќе се изјаснија дека не ги признаваат резултатите, а тоа го направија и здруженијата на Грците.

Според пописот во оваа земја живеат 2.281 лица што е за повеќе од половина помалку споредено со пописот во 2011 година. Според македонските претставници во оваа земја живеат над 100 илјади Македонци, главно концентрирани во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, а со илјадници ги има во Тирана, Елбасан, Драч и други градови.

И грчките претставници не ги признаваат презентираните  23 485 лица со грчка етничка припадност. Тие тврдат дека во земјата живеат околу 400 илјади Грци, главно населени во јужниот дел на земјата.

Во реакцијата на грчкото здружение „Омонија” уште се наведува дека манипулација се и податоците за верската припадност. Од таму сметаат  дека бројот на православните е поголем од прикажаниот.