На што најмногу се жалат граѓаните на меил адресата на Град Скопје?

Град Скопје преку редовна комуникација со граѓаните секојдневно ги решава проблемите на скопјани, откако во функција ја стави електронската адреса 24@skopje.gov.mk. На истата за 18 дена се пристигнати 467 барања, а решени се 388, останатите се во фаза на решавање, информираат надлежните. 

Најголем број од барањата се однесуваат на субвенции за велосипед, сообраќајни проблеми, пресметки на комуналии, барања до ЈП „Паркови и зеленило“ за уредување на парковите и зелените површини, утврдување на незаконски градби по кои барања е даден налог до инспекторите да постапуваат.

-Овој проект на новата градска администрација и градоначалничката Арсовска е со цел граѓаните да можат на брз начин да пријавуваат проблеми, а службите се задолжени да одговорат на барањата и да ги решат во рок од 24 до 72 часа. Отворањето на електронската адреса за комуникација со граѓаните е само дел од проектот Отворен град 24 часа. Со ваквиот начин на комуникација Град Скопје станува поблизок до скопјани и има за цел преку непосреден однос со граѓаните да ги реши сите проблеми кои ги имаат, велат од Град Скопје.