Мицкоски: Медицинските студии во Струга укинати поради непочитување на закони и стандарди

Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека укинувањето на акредитацијата за студии за медицински науки на Универзитетот во Струга е поради тоа што одлуката е спротивна на законите и не ги исполнува потребните критериуми и услови.

"Тоа е укинување на претходно издаденото решение бидејќи е спротивно на законите и не ги исполнува критериумите и условите", вели премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Мицкоски истакна дека истата комисија, која претходно издала согласност, ја поништила издадената согласност.

„Ако длабоко навлезете во таа постапка, ќе видите дека практично комисијата што претходно издала согласност, истата таа комисија ја поништува издадената согласност. Така што на Министерството не му преостануваше ништо друго, освен да постапи по тие насоки. И затоа претходната согласност за организирање таков тип на студии на Универзитетот, претпоставувам зборувате во Струга, е практично поништена и сега таму тие немаат право да организираат таков тип на високообразовна настава“, изјави премиерот Мицкоски.