Македонскиот амбасадор во Рим повикан на консултации во Скопје, дали скандалот со известувањето за пасошите ќе му пресуди?

Македонскиот амбасадор во Рим е повикан на консултации во Министерството за надворешни работи пренесува Плусинфо. Според информации на порталот главен иницијатор за неговото повикување бил токму министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

Инаку Мемеди се „прослави“ со тоа што пред неколку месеци испрати на своја иницијатива скандалозен допис до италијанските власти, со кој ги информираше дека валидните патни исправи со името Република Македонија од 12.02.2024 се неважечки.

Прв кој извести за ваквата постапка на Мемеди беше Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ кој побара амбасадорот да биде веднаш отповикан.

„Со овој потег, како и многу други, испаѓа дека МНР и амбасадорите од доверба на Бујар Османи претежно постапуваат во интерес на трети држави, наместо да се грижат и да ги штитат интересите на македонските државјани во странство. Согласно чл.45 од Законот за надворешни работи Владата треба да донесе одлука за отповикување на амбасадорот од Рим и во овој изборен период да назначи соодветен дипломат како вршител на должност за шеф на македонското ДКП во Италија. Политичка одговорност и оставка треба да се логична последица и за министерот доколку за ваквата постапка се случила со знаење на МНР Бујар Османи“, напиша во февруари Милошоски. 

Три дена подоцна, на 15 февруари, македонското МНР, тогаш предводено од Бујар Османи испрати нова нота до италијанското МНР информирајќи дека амбасадорот Мемеди нема добиена никаква инструкција да доставува ноти за предметната тема.

Османи исто така ја отповика нотата на Мемеди и најави дека ќе спроведе постапка за одговорност за скандалот.

„По добиените сознанија за испратената нота до италијанското МНР, истата по дипломатски пат веднаш е отповикана, уште пред стапување во сила на наведениот рок за важноста на пасошите и со тоа, не предизвика никакви импликации“, соопшти МНР.