Пописот во Албанија силно одекна и во Македонија, МНР ќе го повика амбасадорот Марковски на консултации

Не стивнуваат реакциите по пописот во Албанија. Министерството за надворешни работи и најави дека ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес. Остри реакции стигнаа и од најстарата македонска организација во Албанија “Друштво Преспа”, Македонското друштво „Илинден“-Тирана, како и Партија на слободата за Мала Преспа, кои обвинија за груб пописен фалсификат.

„Техничките нерегуларности во начинот на реализација на истиот, на кои континуирано укажуваа македонските здруженија во Република Албанија во пресрет на Пописот, но и во текот на неговата реализација резултираа со објава на прелиминарни податоци кои што за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата. Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на терминот „северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница“, стои во реакцијата на МНР.

Организацијата за заштита на правата на Македонците во Албанија “Друштво Преспа”, порано денеска соопшти дека ги отфрла прелиминарните пописни резултати во Албанија од минатогодишниот попис одржан од 18 септември до 30 октомври, па продолжен до 16 ноември, за бројот на Македонците и “Бугарите“ и ги смета за груб пописен фалсификат.

„Друштво Преспа изразува загриженост од објавата на Институтот за статистика на Албанија (ИНСТАТ) дека во Албанија живеат 2.281 “Северномакедонци”, иако на пописот во 2011 година биле регистрирани (ни тогаш прифатливи) 5.512 Македонци. Потсетуваме дека не станува збор за доселеници во Албанија од државата “Северна Македонија”, која во спротивност со меѓународното право под тоа име постои од 11 јануари 2019 година според Договорот Димитров-Коѕиас од 17 јуни 2018 година, туку за домородно македонско население кое со векови живее во свои домови и на своја автохтона територија“, пишува во реакцијата на Друштвото.

Тие, како што наведуваат, за груб пописен фалсификат ја сметаат објавената бројка од 7.957 “Бугари” во Албанија, повеќе од пописот во Македонија во 2021 година – 3.504. Опстојуваат на тврдењето дека „во Албанија “етнички Бугари“ нема, во ниту еден попис од 1912 до 2023 година, не постои макар еден “Бугарин” на целата територија на Албанија“.

Воедно, од Друшвото упатуваат протест до Претседателот, Собранието и Владата на Албанија, бидејќи, како што посочуваат, подлегнале на бугарските закани за пристапувањето на Албанија во Европската Унија, доколку Тирана не впиши “Бугари” во Законот за националните малцинства и доколку не декларира “Бугари” на последниот попис на населението

Македонското друштво „Илинден“-Тирана, исто така, остро реагираше по објавените пописни резултати, кои се однесуваат на бројот на Македонците во Албанија.

„Не ги признаваме и со огорченост ги отфрламе прелиминарните пописни резултати во Република Албанија, кои ги сметаме за груб пописен фалсификат, по желба на Бугарија. Јавна тајна е дека Бугарија го контролираше пописот, што го потврдува и фактот дека во Бугарија за време на пописниот период во Република Албанија, на социјалните мрежи беа објавувани фотографии од пописните формулари како се изјаснувале жителите во Република Албанија“, стои во реакцијата.

Поранешната директорка на ИНСТАТ, Инес Нурја, за Еуроњуз Албанија изјави дека бројките од пописот на населението се манипулирани, бидејќи вкупниот број на населението во земјата е помал. За манипулации со бројките претходно обвини и опозицијата во Албанија, како и претставниците на македонското, влашкото и грчкото малцинство, кои најавија дека не ги признаваат.

Според резултатите од пописот што вчера ги објави албанскиот институт за статистика ИНСТАТ, во соседна Албанија живеат 2.281 Македонец.

Според резултатите од пописот, 7957 се попишани како Бугари. Првпат се случува на попис во Албанија да се попишат лица од оваа националност. Во сите досегашни 11 спроведени пописи ниту еден жител на Албанија не се изјаснил како Бугарин.

Од вкупно попишаните 2.402.113 жители, 2.186.917 се Албанци, 23.485 Грци, 12.375 Египќаните, 9.813 Роми, 2.963 Бошњаци, 2.459 Власи, 584 Србија, 511 Црногорци. Останатите се на друга етничка група или одбиле да се изјаснат.

Ова е 12-ти по ред попис, од кога Албанија е прогласена за независна држава, во 1912 година. Првиот попис е спроведен во 1923 година, а претпоследниот беше во 2011 година. Албанскиот Институтот за статистика ИНСТАТ, во петокот објави дека, врз основа на прибраните податоци од спроведениот попис Албанија има 2.402.113 милиони жители.