Поради финансиски малверзации и непостапување по насоки на МНР, Фрчковски повикан на консултации - може да биде отповикан

Поради финансиски малверзации и непостапување по добиени насоки од страна на МНР, Љубомир Фрчковски од ОН во Њујорк доаѓа на консултации дознава Канал 5. Според нивни извори големи се шансите тој да биде отповикан од позицијата амбасадор.

Според истиот извор, причината за неговото враќање е конзистентно непостапување по насоките кои во изминатиот период ги добивал од македонското МНР, запуштеност во работењето, нотирана финансиски недисциплина како и трошење на средства спротивно на правилниците за работа на дипломатско конзуларните претставништва. Актот за неговото повикување на консултации треба да биде потпишан во текот на денешниот ден.

Дополнително дознаваме дека финансиската недисциплина е поврзана со затајување на материјални средства од сукцесија на објекти и трошење на финансиски средства спротивно на постапките и процедурите во Министерството за надворешни работи.

За потсетување, актуелниот Амбасадор во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, Љубомир Фрчковски пред 2 години не успеа да добие зелено светло за амбасадорско столче во Вашингтон.