Груби професор на факултет, Османи на Клиника, Грковска и Шукова на старите работни места, Шаќири и Маричиќ побарале апанажа

Најблискиот соработник на Ахмети, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби нема да бара апанажа и се враќа назад на своето старо работно место - Тетовскиот универзитет каде предава на факултетот за новинарство.

На клиника, поточно на дигестивна хирургија се враќа и Бујар Османи додека неговите колеги од ДУИ, Бесими и Бектеши засега не се одлучиле дали ќе побараат апанажа. На исто мислење е и поранешниот министер Кренар Лога додека Азир Алиу вели дека ќе се врати во приватниот информатички сектор, 

Досега само Јетон Шаќири побарал апанажа од причини како што вели тој на министерското место дошол од позицијата директор на „Водовод“ – Струга. Бидејќи директорската функција не може да се стави во мирување, Шаќири вели дека нема старо работно место и затоа побарал апанажа. 

Од поранешните функционери во Владата на Ковачевски апанажа побарал само Маричиќ кој вели дека останал без работа откако си дал отказ од работното место пред да влезе во Владата.

Ексвицепремиерката за добро владеење Славица Грковска веќе се вратила на старото работно место во МВР , како и ексминистерката за животна средина Каја Шукова.