Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, пристигна во Скопје, го пречека Петровска

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, на Меѓународниот аеродром во Скопје го пречека генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кому му посака добредојде во сојузничка Северна Македонија.

„Добредојдовте во Северна Македонија, посветен и докажан сојузник во алијансата. Почестени сме што во македонскиот главен град ќе се реализира заедничката средба со лидерите на Северна Македонија и сојузниците – Албанија, Хрватска, Црна Гора и Словенија. Тоа покажува дека НАТО ја цени улогата на Северна Македонија како сојузник и важен столб за стабилност во Западен Балкан“, рече министерката по пречекот на генералниот секретар на НАТО.

Посетата на генералниот секретар на алијансата, Столтенберг, на Северна Македонија е во рамките на неговата четиридневна посета на Западен Балкан.