УСТАВЕН СУД: Правниците на фирмите повторно ќе пишуваат барања за извршување

Уставниот суд ги укина одредбите од Законот за извршување кои уредуваа обврска барањето за извршување и приговорот чија вредност е поголема од 10.000 eвра задолжително да ги составува адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Оваа одлука на Уставниот суд значи и одговор на едно од 19-те барања на Стопанската комората до Владата. Од Комората бараа да се преиспита обврската за задолжително застапување од адвокати кај Законот за нотаријат и Законот за извршување. 

Бизнис-заедницата повеќе пати укажуваше дека оваа обврска за фирмите значи значително зголемување на трошоците, и дека особено е проблематично исклучувањето на можноста правниците кои се вработени во фирмите да ги составуваат овие документи.

Стопанската комора на Македонија повеќе пати реагираше дека задолжителното ангажирање на адвокат, посебно во случаите кога како странки се јавуваат компаниите, кои имаат организирани правни служби, не е целисходно и влијае неповолно поради два аспекти.

- Од една страна, тоа предизвикува сериозни финансиски импликации, кои неколкукратно го надминуваат износот на вкупниот финансиски товар, кој овие субјекти го имаа пред 01.01.2017 година. Од друга страна, важечкото решение има импликации од аспект на непотребните административни постапки, кои би настанале со самата потреба од предавање на предмети на адвокати, запознавање со нивната содржина и дејствија што треба да се преземат, со што се одолговлекуваат и самите постапки – појаснуваат од Комората.