Ќе се обидеме со Уставен суд, со Управен суд, со Стразбур...Правниците ветуваат правда за хаосот со документите

Повеќе правници од земјава објавија дека со правни средства ќе се соочат со државата поради проблемот со личните документи. 

- Многумина адвокати и правници верувам дека нема да премолчат вакво понижувачко и деградирачко однесување од оние кои ги раниме. Ќе се обидеме со Уставен суд, со Управен суд, со Стразбур, со се што ни стои на располагање затоа што е круцијално да не им се молчи, вели адвокатот Јанаки Митровски. 

Адвокатот Глигор Ќато денеска, пак, поднесе барање за заштита на слободите и правата до Уставниот суд, а во врска со хаосот со издавањето на личните документи кои мора да се усогласат со новото уставно име на државата. 

- Како голем дел од граѓаните на Македонија и јас се најдов затекнат од хаотичната состојба со лични документи во државата предизвикана од неодговорното однесување на нашите политичари.  Поради тоа до Уставниот суд на РМ на ден 12.02.2024 година поднесов барање за заштита на слободи и права согласно чл.110, ст.3 од Уставот. Во барањето наведувам дека една година по стапување во правна сила на т.н. "Преспански договор" до МВР поднесов барање за издавање на пасош, а повеќе од две години од стапување во сила на договорот поднесов барање за издавање на лична карта. Личната карта и пасошот ми беа издадени со старото име иако МВР знаело или требало да знае дека овие документи треба да ги издаде со новото име, вели Ќато во својата фејсбук објава. 

Инаку, денеска Партијата Движење ЗНАМ – За наша Македонија извести дека одлучила да поднесе кривична пријава против поранешниот министер за внатрешни, Оливер Спасовски, од Куманово и против Министерството за внатрешни работи на Република Сверена Македонија.