Лето, плажа, книга...Но, професорката по македонски јазик и литература во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ Татјана Алексиќ и секогаш гласноговорничка на бројни општествени теми, смета дека на плажа не треба да се чита!
- Треба да се чита постојано, во континуитет, да се чита сѐ што ќе ви дојде под рака. Да се чита до исцрпување, до последен здив, видот додека ве служи... Да се чита со мерак, со љубов, да се чита ненаситно, да се чита веќе прочитаното по втор пат, да се препрочитува. Кога читате подвлекувајте, запишувајте драгоцени мисли, ќе ви се најдат попатно, кога ќе ви потонат сите бродови. Кога читате за непријатности, за негативни ликови, истото во вас треба да предизвика катарза. Кога читате пријатни содржини со доблесни ликови, учете од нив. Инаку, не читајте на плажа, не е добро за видот! - порача таа во објава на својот фејсбук профил.
- На плажа се гледа во простор или во вашите деца и миленичиња. Можете да погледнете и во некое страно тело, не е страшно. Кој има можност да мижи и заспие без изгореници, среќен е. На плажа читајте од страниците на природата, листајте ги пејзажите, подвлекувајте линии над хиризонтите, меморирајте величествени моменти. Плажата е колективен лик со човечки атрибути и натчовечка енергија. Плажата е книга која не се чита, туку впива. Исто како песокот вода, кожата сонце, облаците ветрот, читачот книга... порача во свој стил познатата и омилена професорка.