Уште ни трага ни глас за Мартин

Не си одам од Грција без брат ми, ова е пораката на Горан, братот на исчезнатиот Мартин во водите на егејското море по кој се трага веќе 10 дена. Горан упати апел за помош до грчките власти, но и локалното население истрагата да продолжи, напомена дека потрагата е многу скапа иако имаа и донации.

Официјалната потрага по Мартин на Крајбрежната служба на Грција заврши во четвртокот кога во потрагата учествуваа и официјалните грчки власти, а следните денови спасувачи волонтери од Грција, но и со помош на спасувачи од Македонија, продолжи потрагата за пронаоѓање на момчето.

Со помош на грчките спасувачки тимови потрагата стигна и до Лариса и Плио, што е крајбрежниот дел што се наоѓа спротивно од првиот крак на Халкидики и местото каде морските струи го повлекоа момчето. Во меѓувреме во Македонија се отворени броеви и сметки за донација за помош во потрагата.

Спасувачката акција започна минатата сабота во попладневните часови, кога тројцата државјани на Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.

Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата. Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак во неделата, по околу 20 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван.