Уште не е пронајден третиот македонски државјанин на Халкидики, потрагата продолжува и денес

Од воздух, по копно и во вода, утрово продолжи потрагата по третиот исчезнат македонски државјани на првиот крак на Халкидики, а според информациите на дописничката на МИА од Атина, во спасувачката акција на крајбрежната служба на Грција се вклучени три патролни бродови, возила и еден авион.

Спасувачката акција започна во саботата попладне, траеше во изминатите денови и продолжи и утрово, а освен крајбрежната служба во потрагата учествуваат и спасувачки тимови и волонтери.

Според грчките медиуми, спасувачките тимови се очекува да употребат и подводен дрон.

Од нашето Министерство за надворешни работи синоќа соопштија дека во вечерните часови во Грција пристигнала и мајката на исчезнатиот М.Ј. и беше пречекана од Генералниот конзул во Солун, кој продолжува одблиску да комуницира со грчките надлежни авторитети и е на располагање за секаква потребна асистенција.

Според информациите на МИА, спасените македонски државјани се во добра здравствена состојба, 25-годишниот Васил вчера беше отпуштен од болницата на Халкидики, додека пак 30-годишниот Иван е хоспитализиран во Солун.

Спасувачката акција и потрагата започнаа во саботата во попладневните часови, кога тројцата државјани на Северна Македонија влегле во морето на плажата Мити во Посиди на првиот крак на Халкидики, а поради лошото време се нашле во беспомошна ситуација и се оддалечиле од брегот.

Дел од присутните на плажата забележале дека капачите ги снемало и веднаш ја информирале крајбрежната служба, по што започна и акцијата.

Еден од тројцата пријатели, 25-годишниот Васил беше спасен во саботата по поминати околу два часа во вода, додека пак во неделата, по околу 19 часа во морето беше пронајден и 30-годишниот Иван.