Тошковски: Поставувањето на системот „сејф сити“ е при крај, се очекува да функционира од следната година

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека поставувањето на камерите од системот „сејф сити“ е при крај и оти очекува и би сакал тој да почне да функционира од почетокот на следната година.

„Сејф сити“ е проект кој е од круцијален интерес за Македонија, првично за Скопје како центар, секако за Тетово и Куманово. Но, Скопје е главниот фокус, половина од Македонија е во Скопје, половина од прекршоците се во Скопје. Сметам дека ако можеме да возиме во рамки на дозволена брзина во Австрија и во Германија, може да возиме со дозволена брзина и во Македонија. Целта е да се намали бројката на смртни случаи како последица на небезбедно возење“, вели Тошковски во интервју за Слободен печат.

Според него, ова не значи исклучување на полицајците од контрола по улиците. -Полицајците ќе ги има, сакам да ги има во зголемен број. Враќањето на позорникарите е следна цел. Мора да најдеме начин како да ја доближиме полицијата до граѓаните, вели Тошковски.

Што се однесува до првите казни од камерите за „Безбеден град“, министерот вели дека до крајот на оваа година ќе има законско решение кое ќе овозможи примена на овој систем.

„Не би сакал да си дозволиме да го воведеме, да се стави во функција, а притоа да имаме проблем со доставување на казните. Задолжително ќе мораме да имаме период на адаптација, јас би го нарекол превентивен период каде што би укажувале, би опоменувале, но тоа да не трае до бескрај. Мислам дека е разумен период од 30-тина дена. Јас би сакал да профункционираме од Нова година“ вели министерот.