Судовите и нотарските канцеларии денеска ги отвораат вратите за граѓаните

Основниот суд Скопје 2 денеска организира отворен ден за граѓаните во свечената сала Врховниот суд на РМ. Целта е граѓаните да се запознаат со начинот на остварување на нивните права во судските постапки. Во соопштението од судот пишува дека нивната мисија е владеење на правото, ефикасна и достапна правда за сите граѓани.

И Нотарската комора на Република Македонија ќе се приклучи во одбележувањето на Европскиот ден за граѓанска правда преку организирање отворен ден во сите нотарски канцеларии низ државата.

„Нотарските канцеларии ќе бидат отворени за граѓаните во текот на цело работно време за да можат одблиску да се запознаат со работата, надлежностите и одговорноста која ја носи нотарската професија, постапките во кои би можеле граѓаните да се најдат пред нотарите, како и други прашања поврзани со нотаријатот како институција која е дел од правосудниот систем во државата“, објаснуваат од Нотарската комора.

По повод Европскиот ден за граѓанска правда, и Комората на медијатори организира промотивен настан за медијација на отворено, во непосредна близина на Дом на АРМ во Скопје.