Повратот на ДДВ може да биде и повисок од моменталните 2.100 денари

Почна исплатата на повратот на ДДВ за третото тромесечје, соопшти синоќа директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, гостувајќи на националниот сервис.

На гостување во Националната телевизија (МТВ), Лукаревска рече дека повратот ќе биде во износ од околу 790 милиони денари кои ќе ги добијат 459.670 граѓани.

„Еден од најуспешните проекти си го оправда своето постоење. Бројката на корисници се зголемува и им благодарам на граѓаните кои се наши инспектори кои што пријавуваат и овозможуваат да се бориме со сивата економија“, кажа Лукаревска.

Таа посочи дека повратот на ДДВ може да биде и повисок од моменталните 2.100 денари, односно тој постепено да се зголемува.

Таа се осврна и на данокот на солидарност од кој се очекува да бидат собрани три милијарди и единаесет милиони денари. Според податоците со кои располагаат, повеќе од 2/3 од компаниите ги подмириле обврските.