Осмомартовските подароци за учителките - товар за семејните буџети

Родителите на мака во пресрет на празникот на жената – Осми март. Иако идејата е да се подари цвеќе или некој мал симболичен подарок, трендовите се изместија, па така најголем проблем за родителите е каков подарок да изберат за учителките на своите деца.

Кај оние кои ќе успат да се организраат да купат групен подарок, односно подарок од целото одделение, решението е многу полесно. Обично се собираат од 150-500 денари и со собраната сума се купува еден, но повреден подарок за учителката.

Родителите велат дека во повисоките одделенија учениците веќе сами се организираат и го избираат подарокот за учителката, класната, но и за оние наставнички на воннаставните активности.

Но, родителите реагираат дека трошокот е неминовен и дека сѐ почесто во последните години е товар за семејниот буџет. Финансиски помоќните семејства дури и не сакаат да учествуваат во купувањето на групен подарок, односно да собираат по 200 денари, затоа што сметаат дека е малку таа сума.

Саксиското цвеќе е со цена од 200-2000 денари, скапи се украсите за дома, а солидна цена се и паричниците, чантите, парфемите и козметиката за жени...

- Јас сум мајка на дете во градинка каде има една учителка и две воспитувачи и на второоделенче. Само за учителките треба да издвојам околу 2.000 денари за подароци за Осми март. Минатата година купував паричници од по 400 денари. Претходно цвеќе, а годинава уште не сум одлучила, но сепак, со оглед дека сите деца носат поскапи подароци, ќе мора и ние да купиме нешто пристојно. Срамота е да се оди со едно каранфилче, вели една мајка од Скопје.

- Ние обично собираме по 500 денари. Во забавиште се две учителки и за нив ќе собереме поголема сума со која ќе им купиме заеднички подарок. Лани купувавме брендирани чанти и по едно цвеќе за двете учителки, претходно брендирани часовници. Вака е поевтино и според мене може да се подари нешто покрупно, вели друга мајка од Скопје.

- Навистина стана претерување со подароците. Се знаеше на времето, носевме по еден каранфил или ружа и толку. Денес мајките за да се истакнат и да биде нивното дете поинаку третирано на учителките им носат скапи подароци. Навистина е трошок, во ова скапо време, да се издвојат 50 евра за подароци само за учителките на двете деца, а камоли оние кои имаат три деца. Ако е внимание и гест, треба да биде симболично, а не оригинал парфеми, брендирани чанти, марами, ваучери за пазарење..., смета еден татко.

Учителка од една скопска градина, која сака да биде анонимна, за нашиот портал вели дека секоја година за празникот добива подароци, иако вели дека нема потреба.

- Навистина е неблагодарно да очекуваме подароци. Мене лично ми значи еден цвет од 50 денари или едно чоколадо како внимание. Навистина не можеме да го спречиме овој тренд. Најмногу добиваме свежо и саксиско цвеќе, бомбониери, но имам добивано и парфеми, паричници, накит, сувенири за дома. Најретко се подаруваат книги дефинитивно, вели оваа учителка и препорачува да не се фрлаат големи суми за подароци бидејќи доволно се вниманието и почитта.

Инаку соглансо законот просветничте работнички, докторките, но и вработените во јавниотит сектор кои ќе примат осмомартовски подарок од учениците или од родителите, или пак од странките поскап од 1.000 денари не смеат да го носат дома, туку подарокот ќе мора да го остават во институцијата. Тие не смеат да примаат подароци со вредност над 1.000 денари, а доколку тој што им ги дава инсистира да ги земат, тогаш наставничките се должни тој подарок да го пријават кај директорот на школото и да му го предадат. Оваа забрана беше донесена со измените во Законот за вработените во јавниот сектор пред неколку години.