Оваа скопска општина ќе одвои 1.680.000 денари за субвенции за велосипеди и тротинети

Од општина Аеродром информираат дека наскоро ќе објават јавен повик за субвенционирање велосипеди и електрични тротинети, за што од буџетот се издвоени 1.680.000 денари.

 Советот на Општина Аеродром на последната седница ја донесе одлуката со која аеродромци ќе имаат можност да добијат по 3 000 денари за набавка на велосипеди и по 5 000 денари за електрични тротинети.

-Во официјалниот повик ќе бидат објавени сите потребни информации за аплицирање, а важно е да нагласиме дека за важечки ќе се сметаат сите приложени сметки од оваа календарска година, независно дали велосипедот или електричниот тротинет се купени пред или по носењето на одлуката за доделување на средствата, информираат од општина Аеродром. 

-Со оваа мерка, покрај тоа што финансиски се помагаат граѓаните, истовремено го поттикнуваме користењето на алтернативни и еколошки средства за превоз, со што дополнително се дава придонес во борбата за заштита и зачувување на здравата животна средина, велат надлежните.