Невремето искрши дрвја и бутна бандери: На 47 локации се интервенирало во Гази Баба

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски информира за активностите кои општината ги презема во текот на вчерашната вечер за расчистување на последиците од невремето.

- Во текот на вчерашното попладне, па се до 03:00 часот по полноќ кризниот штаб на општина Гази Баба заедно со екипите на ЈКП Гази Баба делуваше на терен на 47 локации низ општина Гази Баба. По само неколку часа активна работа на екипите на ЈКП Гази Баба состојбата на терен беше стабилна. Сите улици на целата територија на општината беа проодни. Подигнати се голем број на паднати дрва, гранки, бандери и слично, а активностите на екипите продолжуваат и од рано утрово насекаде низ општина Гази Баба, информира Стефковски.

Стефковски им се заблагодари на вработените во ЈКП „Гази Баба“ и членовите на кризниот штаб.

- Им благодарам на вработените во ЈКП Гази Баба, како и на членовите на кризниот штаб во рамки на општината за посветеноста во расчистувањето на последиците од невремето во текот на вчерашната ноќ. Информиран сум дека во некои населени места сеуште има прекин на електричната енергија за што како локална самоуправа направивме контакт со ЕВН од каде што добивме уверување дека работат на терен со цел отстранување на настанатите дефекти кои се последица од невремето. Општината е тука за да им служи на граѓаните, соопшти градоначалникот.