Стефковски: Не постои поголема вредност, поголема доблест од тоа да се стави сопствениот живот на браникот на татковината

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска го посети и положи цвеќе пред споменикот на херојот Бобан Ивановиќ кој загина во конфликтот кај Диво Насеље.

„Денес кога населеното место Стајковци го чествува својот патрон, ги слави светите браќа Кирил и Методиј ние бевме пред споменикот на херојот Бобан Ивановиќ за да испратиме јасна порака дека неговата жртва, не само што ќе остане во колективната меморија на нашата татковина, туку истата е и ќе биде пример, но и своевиден завет за тоа како се сака и брани Република Македонија“, информираше Стефковски на својата Фејсбук страна.

Тој потенцираше дека животите на загинатите бранители се вградени во темелите на Република Македонија и додаде дека Македонија е создадена и постои благодарение на безрезервната жртва дадена од многу нејзини херои, патриоти, наши браќа, синови, сопрузи, татковци и другари.

„Сите ние имаме должност на нашите деца да им кажеме дека сето она што сме го имале и го имаме, им го должиме на нашите херои, бидејќи тие ни оставија аманет да ја чуваме, негуваме и да ја пренесуваме од колено на колено нашата татковина Република Македонија.“, заклучи Стефковски во својата објава.