Општина Илинден ќе доделува субвенции за инвертер клими или соларни панели

Општина Илинден и оваа година објави Јавен повик за субвенции за купување на инвертер клими или соларни панели за жителите на општина Илинден. Со финансиската помош се покриваат 50% од трошоците за купување на овие уреди, до максимум 10.000 денари по производ.

Градоначалникот Александар Георгиевски изјави дека повикот има за цел да ги поттикне граѓаните да користат инвертер клима уреди кои се поеколошки и поефикасни уреди за затоплување на своите домови. Барањата ќе се разгледуваат како што и пристигнуваат. Секој жител на општина Илинден кој ќе купи инвертер клима или соларен панел од 27 мај до 25 јуни 2024 година, или до исцрпување на средствата, има право на учество.

За дополнителни информации, заинтересираните граѓани можат да се информираат во Општина Илинден или на веб страницата ilinden.gov.mk.