Не запираат превирањата помеѓу Град Скопје и Општина Центар

Не стивнуваат реакциите од двете страни, откако вчера, градоначалникот на Општина Центар побара од градските власти, општината да го превземе одржувањето врз контејнерите лоцирани на нејзина територија. Андреј Жерновски, истакна дека хигиената во неговата општина е на незадоволително ниво, а ингеренциите за одржување на контејнерите е во рацете на Град Скопје. Тој од нив побара, доколку не планираат да сторат ништо по тоа прашање, самиот да превземе иницијатива за нивно расчистување и одржување во иднина. 

Граѓаните во неколку наврати се пожалија на незадоволителното ниво на хигиена во центарот на метрополата. Подземните контејнери се преполнуваат и отпад може да се забележи насекаде околу нив. ЈП „Комунална хигиена“ велат дека одржувањето на контејнерите се врши според однапред утврден план и дека екипите работат според предвидената динамика. Сликата на терен покажува нешто со сема друго особено за викендите, кога „комуналците“ не поминуваат да ги испразнат контејнерите цели 2 дена. 

Град Скопје излезе со соопштение во кое се вели дека камионите на ЈП „Комунална хигиена“ немаат пристап до одредени контејнери, па тоа е причината за ваквата ситуација. Пристапот им е блокиран од неправилно паркираните коли, со што сакаат да посочат вина кај градоначалникот на Центар под чива надлежност се паркинзите. 

Состојбата со паркинзите исто така не е совршена. Но префрлањето на одговорност од страна на гратските, општинските власти и јавните претпријатија, никако не им оди во полза на граѓаните кои едноставно бараат решавање на проблемите.