Министерството за дигитална трансформација ќе ја земе под своја капа Управата за водење матични книги

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски најави дека под надлежност на Министерството ќе влезе и Управата за водење матични книги.

„За да постигнеме целосно дигитализација на услугите и сите услуги да бидат достапни преку порталот e-uslugi, но и сите да бидат дигитализирани ќе биде потребна целосна дигитализација на Управата за водење на матичните книги. Сметаме дека надлежноста за Управата треба да ја има онаа институција која што во своја надлежност го има регистарот на населението, а по новиот Закон за организација и работа на органите на државна управа ние ја имаме и надлежноста за раководење и дигитализација на матичните книги. Затоа треба Управата да биде под надлежност на Министерство за дигитална трансформација“, прецизира Андоновски.

Министерството, додаде, ќе дава и идеи околу регулацијата на медиумите.

„Би бил тежок збор да кажам регулација на медиумите, но наша заложба како Министерство ќе биде на една маса да успееме да ги седнеме претставниците на здруженијата на медиумите, претставниците на сопствениците на медиумите и сите заинтересирани страни во процесот и да донесеме закон или легислатива што ќе одговара на сите овие страни и минимум стандарди што ќе треба да ги исполнуваат електронските медиуми. Не сакаме да наметнуваме решенија во делот на медиумите, сакаме решенијата да произлезат од фелата, од новинарите и секако од радиодифузерите“, истакна Андоновски.