Костадиновски и Георгиевски: Соработката меѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први” ќе се унапредува

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, денеска оствари работна средба со деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски.

На средбата имаше дискусија за можностите за унапредување на соработката помеѓу Уставниот суд и Правниот факултет.

Костадиновски го информира Георгиевски за приоритетите во својот мандат, меѓу кои највисоко на агендата е интензивирање на соработката и интеракцијата меѓу Уставниот суд и науката.

Во рамките на предвидените активности, по повод 60-годишниот јубилеј што го прославува Уставниот суд оваа година, предвиден е меморандум за соработка со Правниот факултет.

Предлог-текстот на меморандумот беше во фокусот на средбата и се очекува во најбргу што може да биде потпишан.

„Изразувам искрено задоволство за Вашата подготвеност за соработка, лично сметам дека ставот и позициите на науката по важни општествени и особено релевантни теми за уставното судство се од исклучително значење и не случајно еден од врвните приоритети за мене е поголема присутност на науката не само теоретски во стратегиите туку и во секојдневните активности, во согласност со надлежностите на судот“, потенцира Костадиновски.

Георгиевски ги поздрави подготвеноста и позитивниот пристап за воспоставување поинтензивна соработка помеѓу Уставниот суд и Правниот факултет „Јустинијан Први“ и изрази очекување дека двете институции преку меморандумот ќе имаат заемна корист.