Денеска урбанизирано и современо: Ова место во Скопје било под шума во која имало волци

Ова скопско село се наоѓа во западниот дел на градот Скопје и е доста урбанизирано, наликувајќи на современа скопска населба.

Волково се наоѓа 11 километри северозападно од центарот на градот Скопје. Расположено е од десната страна на реката Лепенец на исток и во подножјето на ридот Церовик (659 метри) кој се издигнува западно.

Покрај самото село минува обиколницата на градот Скопје која ги сврзува авто-патните коридори 8 и 10, а низ Волково минуваат железничката пруга и автомобилскиот пат Е-65 кон Косово и локални патишта кон соседните  села Орман, Кучково, Никиштане и Грачани.

Во Волково постои железничка станица која е и граничен и царински железнички контролен премин кон Косово. Земјиштето на кое лежи Волково е дел од алувијалната рамнина на реката Лепенец и е составено од хумусни почви, голема плодност погодна за влажни земјоделски култури. Етногеографски Волково припаѓа на пределот Средорек во рамките на Скопското поле.

Во XIX век, селото Волково било потполно чифчиско село под власта на познатиот Хамзи-паша чие седиште и конаци и денес се наоѓаат во соседното село Бардовци. На почетокот на ХХ век во селото постоеле повеќе чифлици на 11 различни чифлик-сајбии муслимани кои живееле во Скопје, а во селото живееле македонски семејства кои ја обработувале земјата.

Од чифлигарството Волково се ослободило преку аграрната реформа во 1924 и 1925 година, кога селаните се стекнале со сопственост на земјата. Еден дел од атарот на селото, поточно пасиштата во ридскиот предел, за време на отоманското владеење бил заземен од доселените Албанци од соседното село Никиштане, меѓутоа тој предел потоа повторно бил вратен на Волково. Главниот развој и подем, Волково го има по скопскиот земјотрес во 1963 и се поголемата индустријализација на Скопје. Во текот на седумдесетите и осумдесетите години на ХХ век се доселува огромен број на население од разни краишта на Македонија, со што населеното место значително се зголемува и се здобива со денешниот изглед и урбана физиономија

Во минатото, па сè до Втората светска војна, Волково било познато под името Вучи Дол или Вучидол. Името Волково во администрацијата најпрвин било воведено од бугарските власти за време на Првата и Втората светска војна, а по 1944 година слободнатата македонска власт во административната евиденција започнува официјално да ги користи имињата Волчи Дол и сегашното име Волково.

Имињата Вучи или Волчи Дол денес ретко може да се чујат од најстарите жители на селото, а може да се забележат и на старите административни табли на зградата на месната заедница. За потеклото на името може да се заклучи дека потекнува од името на дивото животно волкот. Населението на Волково за потеклото на името смета дека е многу старо и дека настанало поради тоа што во времето на основањето на селото земјиштето и целата околина (посебно ридскиот предел) била под шума во која имало волци.

Легендите за настанокот на скопските населби и села:

Бардовци

Тафталиџе

Ѓорче Петров

Буњаковец 

Радишани

Капиштец 

Водно

Крњево

Дебар Маало

Даме Груев

Лисиче

Бутел

Кисела Вода

Злокуќани