Крстена по угледна и богата фамилија: Оваа населба се наоѓа во центарот на градот

Населбата Буњаковец е една од оние која го носи името по угледна и богата фамилија од тоа време. Населбата го добила името на фамилијата Буњак, во чија сопственост биле поголем дел од парцелите на кои се граделе првите куќи.

Целото земјиште во овој дел од Скопје било сопственост на неколку фамилии, меѓу кои најпознати и најбогати биле Буњаковци.

Во овие предградија на Скопје нагло се граделе куќи од тврд материјал со модерен конфор..Новоизградените куќи ги задоволувале основните потреби, биле светли  и пространи, со високи тавани, со санитарни чворови, водовод, канализација, парно греење, а според начинот на живот во богатите скопски семејства,  во куќата имало и соба за послуга.

Особено убави куќи имало во делот околу тогашната Женска гимназија, во продолжение на дрвеното мовче. Во овој дел живеело богато население - Евреи, Срби и Македонци.

 Особено интересна градба во овој дел на градот била Беговата палата. Проектот за оваа палата го изработил архитектот Иван Артемушкин, а според кажувањата, сопственик бил познатиот скопски Шабан паша. Постои легенда за Беговата палата, според која неа ја изградил турски бег кој на постари години се вљубил во млада Македонка и í ја подарил палатата. Палатата имала приземје и кат, а фасадата  била во вид на венци, капители и пиластри  и претставувала синтеза на повеќе европски архитектонски стилови. Посебен белег на палатата ñ давала масивната железна ограда во стилот на маниризмот, изработена од унгарски мајстори кои работеле на цели квартови во Париз. Палатата претставувала типична градба за периодот по Првата светска војна, а во тој период во неа бил  сместен  францускиот конзулат. Во 1938 год. во палатата бил пренесен Природно-научниот музеј од соседната палата на Рубен.

 Особено интересна градба е и куќата на фамилијата Рубен.

Повеќекатната куќа на Емил Рубен била изградена по проект на Иван Артемушкин, а одговорен за градбата бил некој познат мајстор од Галичник. Куќата имала приземје, три ката и мансарда, а на секој кат  имало по три големи салони и по две спални соби. Куќата била готова во 1927 год. без отстапки од првобитниот проект, иако кредитите во Хипотекарната банка биле големи. 

Населбата Буњаковец постои уште од почетоците на XX век, со плоштадот „Македонија“ и на место на булеварот „Партизански одреди“. Со текот на времето додека Скопје растело и населбата почнала да се урбанизира.

Легендите за настанокот на скопските населби:

Бардовци

Тафталиџе

Ѓорче Петров