Уште еден апел до граѓаните да престанат со несовесното одлагање на својот кабаст отпад и градежниот шут!

ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје повторно апелира до граѓаните својот кабаст отпад (мебел, стара електрична и електронска опрема) и градежeн шут да не ги одложуваат во и покрај садовите за отпад!

Ваквото несовесно одлагање на кабастиот отпад и градежниот шут е забрането со Законот за јавна чистота на РМ и подлежи на парични казни и санкции!

Садовите за отпад што се поставени на јавни површини – пластични канти, надземни и подземни контејнери - не се наменети за одлагање ваков тип на отпад, туку за собирање на комуналниот отпад од индивидуалните и колективните домаќинства!

ЈП „Комунална хигиена“-Скопје, во координација со Градот Скопје и општините, бесплатно го собира кабастиот отпад во организирани дводневни акции што се одвиваат четири пати во годината во секоја општина.

Во рамките на овие акции, граѓаните коишто сакаат да се ослободат од стариот мебел и непотребните електрични и електронски апарати имаат можност овој тип на отпад да го одложат пред своите домови во периодот од 07 до 09.30 часот, по што специјалните комунални возила ќе поминат и ќе го подигнат, според однапред изготвениот распоред по месни заедници.

Следната акција за собирање кабаст отпад ќе се одвива на 14 и на 15 јули 2017г., во општината Центар.

Покрај акциите што се организираат во скопските општини, ЈП „Комунална хигиена“-Скопје на граѓаните им нуди можност во текот на целата година кабастиот отпад со сопствен превоз бесплатно да го одложат во Центарот за селекција на отпадот во Карпош. Доколку имаат потреба транспортот да се изврши со специјалните возила на Претпријатието, оваа услуга може да ја побараат на бесплатната телефонска линија - 080022233, а истата се наплатува согласно Ценовникот на дополнителни активности и услуги на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, усвоен од Советот на Градот Скопје на 27.10.2015г. и изнесува 850 денари (без пресметан ддв).

Според Законот за јавна чистота на РМ, не е дозволено ниту градежниот шут што настанува при градење или реновирање на домовите, граѓаните да го исфрлат во садовите за отпад. ЈП „Комунална хигиена“-Скопје на граѓаните им ја нуди и услугата за преземање и транспорт на овој тип отпад, со специјалните возила на Претпријатието. Граѓаните може да ја побараат оваа услуга на бесплатната телефонска линија - 080022233, а истата изнесува 950 денари (без пресметан ддв).