Стаменов за една од емотивно најтешките акции: Ми ја стисна раката така како што до сега никој не ми ја стиснал

Борче Стаменов знае да пренесе бура од емоции со своите хумани постапки. 

Овој пат тој сподели една длабоко емотивна приказна која ја доживеал додека на едно дете му донирал компјутер. 

-Па и не ви кажувам баш се шо ми се дешава коа носам или праќам донации низ државава. Некои приказни си ги чувам за себе. Денешнава делумно ќе ви ја раскажам. Се договорив со едно лице од една служба да испорачаме компјутер за еден ученик/студент чие семејство припаѓа на ранливата категорија граѓани. На почеток, не ни знаев од каде е детето. Денес дознав дека е од тиквешијата. Живее во близина, па решив после работа јас да му го однесам. Запалив кола и тргнав. За некои петнаестина минути стигнав, го побарав на телефон и му кажав каде се паркирав. За пар минутки дојде. Му кажав кој сум и му го подадов компјутерот. Ми вика:

- Вие дојдовте само за мене да ми донесите компјутер?

Да бе, за тебе.

- Немате појма колку сум ви благодарен и колку го ценам ова.

Ми ја стисна раката така како шо до сеа никој не ми ја стиснал. Ја, едвај чекав да си заминам од паркингот. Душава ми плачеше, грлово полно кнедли. Додека возев накај Кавадарци не дишев. Се издишав таму некаде кај новата болница. Ми текна дека требаше да купам ланци за Донка пошо нели така се правилата. Пред продавницата од каде шо требаше да ги земам стоев десетина минути. Ако влезев и ако ја отворев устата да прозборам ќе експлодирав. Ова е нашата 2011 донација. Ќе ја стаам во една од емотивно најтешките до сеа. А тоа е само една. Помножете тоа со сите шо сме ги дале и ќе го почувствувате тоа шо ние сите во ДонирајКомпјутер го чувствуваме веќе 7 години, раскажа Борче, хуманиот кавадарчанец кој вече со години поправа стари компјутери и им ги донира на оние на кои им се потребни, а не се во можност да си купат.