Приватните превозници од понеделник ќе протестираат – не добиле пари од месец јануари

Можен ли е нов колапс во јавниот превоз? Приватните автобуси во понеделник ќе бидат паркирани во гаражите, возачите нема да возат, а главниот град ќе остане без превоз. Ова е одлуката на приватниците за кои тврдат дека не добиле пари од месец јануари, потребни за да може да работат. Дел од нив кои сакаа да останат анонимни се пожалија до редакцијата на Телма дека долгот се зголемил на повеќе од 140 милиони денари, а надлежните ни на повидок да го решат проблемот. Додека тропа стариот проблем на врата, граѓаните остануваат незадоволни од функционирањето на јавниот превоз во градот.

Телма поставила прашања до јавното сообраќајно претпријатие за оваа најава на приватните превозници, како и за тоа што дел од граѓаните се жалат на редуцирани автобуси, но без одговор.

- Пред два месеци испративме барање и за интервју со директорот на ЈСП Крсте Петревски,за да поставиме прашања за работењето на ова претпријатие но и за поплаките кои ни стигаат, но до денеска ни за тоа не добивме одговор. Пред една недела од град Скопје вината за дотраените автобуси му ја префрлија на претседателот на Советот, Трајко Славевски бидејќи не ја ставал предлог-одлуката за набавка на еко-автобуси на дневен ред и со тоа постапувал спротивно на деловникот. За одговорноста, градските власти прстот го вперија и кон советниците од вмро-дпмне бидејќи не ја гласале оваа точка, пишува Телма. 

Пред два дена заврши уште една седница а оваа точка не се најде на дневен ред. Пред повеќе од една година метрополата остана без јавен превоз откако приватните превозници неколку месеци не возеа, а нивните автобуси беа паркирани по булеварите. Пред четири месеци и вработените во ЈСП со двочасовен прекин запреа со работа поради доцнење на плата.