Ќе никне ли конечно комплекс за голф во Зелениково?

Општина Зелениково, и покрај промената на раководството на локалната самоуправа, по четврт пат се обидува преку оглас за јавно-приватно партнерство да направи најатрактивен комплекс за играње голф и сместувачки капацитети на Балканот кој би бил туристичка атракција во регионот, пишува Фактор

За таа цел, во однос на минатогодишниот повик, се чини дека во понудата за концесија значително се намалени обврските за приватниот партнер кој би сакал да конкурира,

Претходно, вредноста на концесискиот договор беше проценета на 70.226.864 денари, без вклучен ДДВ, за 30 години користење. Овој пат во понудата за надоместокот гласи дека приватниот партнер ќе мора да ја надоместува дури по петтата година од склучувањето на договорот. Минималната висина на годишниот надоместок за концесија изнесува 24.000 евра, или 1.482932 денари. Но доколку профитот на концесионерот е поголем, тој ќе мора да издвојува 20 насто од истиот за да го плати надоместокот.

Партнерството се однесува за изградба, оперирање, управување и одржување на спортско-рекреативен центар за голф терени. Комплексот е предвидено да се гради во близина на селото Пакошево. Потенционалниот концесионер ќе треба да ги изгради голф терените и со нив ќе може да управува во наредните 30 години. Локалните власти претходно во обид за пронаоѓање инвеститор извршија извесни модификации во делот на критериумите за изведба на проектот. Така, планираниот мост на реката Вардар нема да го гради самиот инвеститор.

Од општината се надеваат дека ќе пронајдат приватен партнер за реализација на првиот ваков спортски објект на територијата на нашата земја..

Спроведените истражувања на географската локација и климата покажа дека токму Зелениково има идеални услови за голф игралишта. Претходната влада најавуваше дека нивното работење ќе го зголеми девизниот прилив во Македонија.

Во Зелениково теренот би се простирал на површина од 65 хектари.