Имаат ли поврзаност? Претходно се гонеа двајца браќа кои му се заканувале на градоначалникот на Арачиново

Неофицијално во пукање денеска во скопско Арачиново повреден е градоначалникот на општината Ридван Ибраими, како и неговиот возач. 

Градоначалникот на Арачиново, не прв пат, е мета на закани и напади. 

Во февруари гоинава, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против двајца браќа за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Загрозување на сигурноста од член 144 став 4 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, на возраст од 42 и 35 години, во повеќе наврати телефонски му се заканувале на службеното лице -градоначалник на општина Арачиново, предизвикувајќи кај него несигурност, вознемиреност и страв. Откако ги пријавил, тие преку вибер пораки продолжиле да упатуваат сериозни закани дека ќе нападнат по неговиот живот и тело.

Надлежниот јавен обвинител тогаш до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, обврска да се јавуваат кај надлежен орган, забрана за влез во седиштето на општина Арачиново, како и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот градоначалник. 

Не се знае дали токму овие лица се инволвирани во денешниот напад кон Ибраими. 

Официјални детали за денешниот инцидент во Арачино се очекуваат од МВР.