Хуманитарен настан во Капиштец: промоција на мир и хуманост

Во дворот на ООУ „Киро Глигоров“ во скопската населба Капиштец, во четвртокот се одржа хуманитарен настан. Иницијаторот, Живко Поповски-Цветин, кој своевремено учествувал во садењето на дрвјата, собра хумани пораки и стихови од македонски поети.

Дел од настанот беа и штитениците на дневниот центар за лица со церебрална парализа „Порака“ и дневниот центар за лица со попреченост. Цветин им подари пет слики, акрил на хамер, кои беа изложени и ќе го красат новото „Цветиново катче на мирот и хуманоста“ во нивните простории.

Писателот Александар Прокопиев ги поздрави присутните, истакнувајќи ја важноста на хуманоста и човечноста. Тој прочита своја хаику-поезија и ги повика сите да му помогнат на Цветин во реализирањето на неговите идеи.

Своја поезија читаа и Горан Анчевски, Ванѓа Радевска, Драгица Пандиловска, Лилјана Стоилковска, Лидија Лучко Јеремиќ, Мендо Димовски, Билјана Челик и Миле Јовановски-Поречанец, кој ја отпеа својата поезија со придружба на гитара.

Изложени беа и грнчарски експонати од најмалиот етномузеј во светот, сопственост на Симеон Златев-Моне.

Настанот заврши со пуштање три балони, испраќајќи порака за мир и хуманост, против војните и страдањата, за зачувување на флората и фауната и за спас на планетата Земја.